Како Светецот од „Сан Паоло“ го разбуди југот на Италија
Неговото име и фотографии може да се видат насекаде низ улиците на Наполи: на балконите, како графити на гаражите и зградите, во сите можни форми како сувенири за туристи, пред многу кафетерии, ресторани, пицерии и барови, и секако пред култниот стадион „Сан Паоло“ постхумно преименуван во стадион „Диего Армандо Марадона“. Покрај пица Марадона, постои и варијанта на аперол шприц, под името Марадона шприц.









Љубовта меѓу Марадона и Наполи започнува на 5 јули 1984 година кога е претставен пред 75,000 екстатични навивачи на „Сан Паоло“. Најголем дел од нив се убедени дека е дојден спасителот. Од тим кој се соочува со испаѓање од Серија А во сезоната 1983/1984, во ерата на Марадона, Наполи освојува две титули како прв град од јужна Италија и трн во окото на гигантите од северот на земјата: Милан, Интер, Јувентус и Рома.
Сиромашното минато на Марадона и неговото потекло од Буенос Аирес, како и дискриминацијата со која се соочувал поради бојата на кожата и социјалната позадина, го доближилe до срцата на неаполитанците. Тој станал симбол на нивните соништа и стремежи, симбол на аутсајдерите кои се соочуваат со пречки и предизвици во животот.
Низ разговор со повеќемина локални жители од прва рака можев да ја почувствувам длабоката љубов и почит кон Марадона како фудбалер и човек кој ги отелотворил идеалите и борбата на обичниот народ во Наполи.

Во друштво на аргентински фанови на Марадона пред стадионот со негово име во Неапол
Многумина го сметаат за херој кој ги обединил, а и за симбол на отпор против сиромаштијата и социјалните нееднаквости. Со неговото доаѓање, не само што го променил фудбалскиот тек на овој јужен град, туку и силно влијаел на колективната самодоверба на неговите жители, претворајќи го Наполи во горд центар на југот, каде што луѓето почнале да веруваат во својот успех и во својот уникатен идентитет.
За многу неаполитанци, до ден-денес Марадона претставува трајна инспирација. Неговото присуство е бесмртно, а љубовта кон него се пренесува од генерација на генерација.


