I
Во времиња кога царевите се губеа
како дим во утрински здив,
а Византија се ронеше
како трошка во раце туѓински,
се крена еден маж
од Вардарската долина —
Добромир Хрс,
чуварот на клисурите
и немите долови.
II
Со петстотини меченосци,
а со срце за илјадници,
ја отвори патеката
на струмичкиот ветер
и го рашири своето име
по прилепските ридишта,
како волк што ги познава
сенките на секој премин.

III
Просек му беше седиште —
карпа над бездна,
каде што одекнуваше
железо врз камен,
и каде што секој чекор
беше завет,
а секоја тишина —
заклучена тајна
од прастари времиња.
IV
Таму доаѓаа царски пратеници
и крстени војводи,
но се враќаа
со искршени стрелишта
и урнати куражи,
зашто Хрс, небаре со моќта на Христос
им ги распарчуваше замислите
како глина под чекан
и со празни буриња
што паѓаа како громови
од самиот теснец.
V
Ги урна туѓите закони
и постави сопствени.
Ја кроеше правдата
по своја мерка,
како човек што знае
дека власта не се измолува —
туку се зема во свои раце,
се чува
и се брани
до последниот здив.
VI
Кога огнот дојде од Север,
а мечот од Југ,
небото над Просек
се стегна како обрач,
а Хрс, со малкумина верни
крај себе,
се стопи со карпите
како утринска магла
што самата бега од сончевина.
VII
Никој не дозна дали падна,
или го изеде ноќта црна.
Или пак клисурата го проголта
како сенка без име.
Но земјава уште
го чува
како белег
и како опомена,
како запис од крв и оган
на кој времето не му може ништо.
VIII
Добромир Хрс —
мажот што доби власт
над каменот и над народот,
замина како што живееше:
жилав, огнен и без сведоци што ќе го чуваат неговото име.
Историјата го впиша
како одраз на Непокорот,
а песната —
како силен одек во Клисурата
што не стивнува ни кога тишината паѓа.
Павел Донески

Историска белешка
Добромир Хрс (познат и како Хриз или Хрисос) бил македонски благородник од крајот на XII и почетокот на XIII век (од околу 1197 до околу 1202), кој ја издигнал тврдината Просек над Демир Капија во своја природна престолнина. Во времето кога Византија слабеела под внатрешни кризи и надворешни удари, Хрс ја искористил состојбата и воспоставил самостојна власт што се простирала од Струмица до прилепските ридишта. За да ја зацврсти својата позиција, стапил во брак со византиска благородничка и добил признание од Цариград. Владеел цврсто, со чувство за ред и обврска, стоејќи меѓу суровоста на клисурите и распадот на големите царства што тогаш се бореле за доминација на Балканскиот Полуостров. Историјата го бележи како еден од последните самостојни македонски владетели пред доаѓањето на Османлиите.


