МАКЕДОНИЈА – Анте Поповски

1.

Стиснете ги тревките

неа ќe ја исцедите.

Наслонете се врз каменот

името ќe ѝ го чуете.

Симнете се во рекине

дното со неа ќe ве почести.

Легнете да починете

и ноќта со неа ќe ве покрие.

2.

На овој даб името ќe ти го напишам

дождовите да го симнат

жедните в земја

да ги напоиш.

На оваа нива грутка од тебе ќe посеам

класатка да никне

со неа внучињата да ни ги храниш.

На овој рид ќe те оставам

и кога ќe заминам

пак да те гледам

Голема.

3.

Еве ја таа проста земја

од дволичен камен

и сонце

Децата уште незаодени каде откопуваат

лобањи по градините

Еве ја таа проста земја

од пајажина

и од води

Мудро слободата кај што ги запишува

селските имиња

Место икони по црквите

И каде летото како судбина

Трае до последниот востанат

Еве ја таа проста земја

од заморено дишење

и од молк

Низ која времето одминува

и пак се враќа

Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја

од грч

и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски

А никој не ја знае.

4.

Се искачија маглишта по ридон нагоре

И месечината ќе ја украдат.

Долу по рекана,

Горе по добравана,

Одѕива полено којзнае кој век

Во војнички цокули обуено.

5.

За рик волчји и уплав на небињата мојата земја е создадена

Без чемреси и без божилак

До капка, три дена пред да се покаже над мојата земја

Гробишта облакот го исцицуваат

И црна сенка од нож место крст каменот што те покрива го сени

За вечни времиња.

Зашто ништо друго не му прилега на ова диво билје и црногорица

Освен да го чека недојденото.

6.

Се изнагледав месечина. Како капка мојата изгорена душа

Те испи за три животи напред и пак горам.

Истеков со сите реки и празни корита им донесов на морињата

– И за шпионот во твои меса ако се криел болка ме пече

Зашто, ти од малена не научи

Така просто, така јасно да си се разбираме

Тој нож што нема – среќа нема.

7.

3а неколку нови чекори недостижност

ме остави утринава зад тебе.

Чинам се делиме:

Твојот пат нагоре

мојот пат кон тебе води.

Стапни ме, во твоите корени скри ме

никојпат да не се разделиме.

Discover more from Pavel Doneski

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading