
Ако можеш да останеш присебен
кога сите околу тебе главата ја губат
и тебе те окривуваат за тоа;
Aко можеш да си веруваш себеси
кога секој под око те гледа
и да не забележуваш на нивните погледи полни со сомнежи;
Aко можеш долго да чекаш,
при тоа трпеливо да им се восхитуваш на миговите,
Ако си измамен, да не мамиш,
Ако си омразен, да не мразиш,
да простуваш и љубиш,
сепак да не изгледаш премногу добар,
да не говориш премногу мудро
и да бидеш достоен на секој свој збор.
Aко можеш да сонуваш, а да господариш со своите соништа;
Aко можеш да нурнеш во мислите, но да не се удавиш во нив,
Aко можеш да се соочиш со блескавиот успех и со неуспехот
и еднакво да се однесуваш кон двајцата измамници;
Aко можеш да ја поднесеш вистината на зборовите што си ги кажал
која злобниците ја изобличиле во стапица за наивните,
или да ги погледнеш уништени работите на кои им го подари животот
и подгрбавен, да ги обновиш со дотраениот алат.
Aко можеш од победите да направиш грамада
и да ризикуваш таа да се сруши само од една воздишка
и повторно да се родиш,
но никогаш да не проговориш за својата загуба,
Aко можеш да ги принудиш срцето, дамарите и тетивите,
да ти служат долго иако кон нив си немал милост
и да се одржат кога веќе во тебе ништо нема, освен волјата која довикува: ИЗДРЖИ!
Ако можеш да се измешаш со толпата и да ја сочуваш доблеста,
притоа да не ја загубиш скромноста, но да го сочуваш достоинството,
Ако ни непријателите ни пријателите не можат да те повредат,
Ако сите луѓе те ценат, но не премногу,
Ако можеш да исполниш една минута,
со шеесет секунди драгоцена содржина;
Твоја е Земјата, и сé на неа
и најважно од сé – ќе бидеш Човек, сине мој.
***
„Ако“ е поема на англискиот нобеловец Радјарг Киплинг, објавена во 1910 година. Поемата е величествена посвета на многу од човековите доблести: да се остане смирен дури и во стресни ситуации, да се биде приземен во победите, да не се очајува во поразите и секогаш да се чува честа и автентичноста. Во истражување на БиБиСи, спроведено во 1995 година, поемата е прогласена за „омилена британска поема“. Поемата е постаната суштински дел од британската култура, така што два стиха се впишани над влезот за играчи во главното тениското игралиште на Вимблдон:
Ако можеш да се соочиш со блескавиот успех и со неуспехот
и еднакво да се однесуваш кон двајцата измамници.
Судбината како да сакала да си поигра со Киплинг, бидејќи неговиот син Џон загинал во Првата светска војна, само пет години (1915) по објавување на поемата „Ако“. Сепак, духот на оваа поема живее и ден денес и претставува инспирација за сите модерни стоици дека во животот треба да се истрае и да се продолжи напред и покрај непредвидливите пречки и премрежја кои стојат на патот.

