Приказната за двата лава

Посветено на Хајан Селмани

два лава

Пред повеќе од три години, во еден од хотелите на струшката ривиера имав можност да присуствувам на еден интересен настан насловен како „Разговори за успехот“ на кој централен говорник беше (сега за жал, прерано починатиот) македонскиот претприемач Хајан Селмани.

Кога неговото име беше најавено од страна на организаторот на настанот, ретко кој од стотината присутни учесници во публиката беше чул за овој наш успешен човек чии достигнувања шесткратно ги има наградено светскиот гигант Мајкросфот со титулата МВП (Највреден професионалец – Most valuable professional). Всушност, впечатокот на повеќемината присутни, барем на самиот почеток од неговиот говор беше дека ова ќе биде уште еден „празен“ мотивациски говор, дополнет со неколку „заразни“ цитати од Бил Гејтс или Наполеон Хил за тоа како се успева во животот или нешто налик на стотиците книги за „брз успех преку личен развој“ кои ги преплавија македонските книжарници, особено во последните десетина години и кои и денес се продаваат како „алва“.

Признавам дека и самиот бев скептик кога дознав дека ќе бидам сведок на уште една „холивудски доброспакувана инстант успешна приказна“.  Патот од родното Велебрдо до главните канцеларии на Мајкрософт и средбата со Бил Гејтс, Хајан ги раскажа во следните два часа.

Она што веројатно најмногу ја импресионираше публиката, покрај фактот што пред себе имаат човек кој говори од лично искуство и е етаблиран во светски рамки, а притоа не е политичар ниту поп-рок ѕвезда, веројатно беше фактот што неговата животна патека беше пример за тоа како „од едно планинско село во Западна Македонија“ се стигнува до сопственик на компанија која има одлична соработка со ИТ гигантите од Силициумската долина и човек кој седи на иста маса со најбогатиот и еден од најуспешните луѓе на планетата.

Како лично највпечатлив момент од животната сторија на Хајан го издвојувам неговото навраќање на приказната за двата лава која му ја споделил еден швајцарски колега. За оние кои не ја чуле, приказната оди вака:

Си биле два лава. Првиот живеел во плодна зелена долина, покрај многу извори, езерца, бујно зеленило и богат извор на вегетација, а во негова непосредна близина имало безброј зебри, газели, антилопи и друг вид на „свежо месо“ во најблизок дофат. Поради изобилството на совршени услови за живот и опстојување, лавот кој живеел во плодната долина со тек на времето станал дебел и мрзелив, а неговите најсилни предаторски инстинкти целосно отапеле.

Вториот лав во приказната живеел на самиот врв на планината, во темна пештера и околина која била безмилосно сурова за живот. Поради ретките ресурси за живот и опстанок, овој лав бил приморан максимално да се адаптира на таа состојба со цел да преживее. Затоа, неговите сетила за вид, слух и мирис сe развиле до максимум, а неговите канџи се изостриле како најумешно и најефикасно изработено ладно оружје.

Што мислите кој од овие два лава успешно преживеал во суровиот закон на џунглата? И што тоа алегориски зборува за животот во навидум совршените услови во за нас „идеалните општества на Запад“ наспроти суровиот, предаторски начин на живот на Балканите?

Навистина, политичко-економските услови во современата македонска држава (барем во последните триесетина година) ако се споредат со развиените европски земји сериозно личат на суровоста на хабитатот на планинскиот лав. Оскудност на средства за преживување и опстојување, а со тоа и понатамошно просперирање. Сурова, тотално непредвидлива правна и деловна клима за секој оној кој сака да започне сопствен бизнис, но и за оној кој тргнал да исправа лични „криви дрини“ низ македонските судски лавиринти.

Може ли во една ваква, условно кажано „жабокречина“ да се постигне успех, а тој да не биде засенет од личните, партиските, бизнис или какви се не други врски, препораки и заслуги? Најбрзиот одговор би бил едно директно НЕ. Оние кои можеби сакаат да подразмислат, ќе речат може, но со едно големо НО. И можеби најмал процент од луѓето ќе ви речат: ДА, оваа земја, како и многу други дава можности за секој кој сака да успее преку својот труд.

Значи причините ни се повеќе од јасни, образложени секојдневно и буквално служат како една мантра на многумина (со право огорчени) зошто личниот и професионален успех во Македонија мора исклучиво да се должи на нешто различно од сопствените способности и работа.

И тука некаде доаѓаме до клучното прашање кое секој од нас треба да си го постави пред себе: дали ако работам паметно и напорно, го жртвувам слободното време и давам сè од себе за да бидам подобар човек, можам да успеам во средина каква што е македонското или балканското општество?

Ако успехот го дефинираме како изразито лична категорија и подложен на строго субјективни критериуми што тој значи за секој од нас, тогаш одговорот на ова прашање е дефинитивно ДА. И ако сега се навратиме на нашата приказна од самиот почеток, токму драстично полошите услови на македонската почва придонесуваат тој успех да биде повреден и позначаен, погледнат од некоја строго „западна перспектива“ – бидејќи ако успееш со свои сили и поради лични заслуги во општество каде успехот повеќе се мери по тоа дали си братучед на некој функционер, близок пријател на некој бизнисмен или само богат наследник, тогаш навистина си успеал и во т.н. западна смисла на овој термин, односно во тип на општества каде важат ако не пофер, тогаш сигурно попрецизни и строго дефинирани правила на игра.

П.С. За жал, освен на јавниот настан во Струга, немав прилика лично да го запознаам Хајан Селмани, човекот кој од едно мало македонско место стигна до височините на Мајкрософт. Се надевам дека неговата животна приказна и неговата упорност да ни докаже дека успехот е можен од и во Македонија ќе ни служи како инспирација дека во животот и невозможното е возможно ако нашата волја е посилна од сè!

Discover more from Pavel Doneski

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading