Со антивредности не може да ги задржиме младите дома

Една интернет анкета на интернет порталот чија фокусна група се студентите ни ја покажа суровата реалност во која живееме. Имено, на анонимното истражување на Факултети.мк, на прашањето со наслов: Кога би можеле, дали би заминале од Македонија?“, дури 83 отсто од вкупно 1.474 читатели одговориле дека би го сториле тоа. Од преостанатите испитаници, само 7,9 % би останале во државава, а 8,3% се во дилема.

Некој со право може да рече дека една анонимна анкета на интернет и не мора да биде детален и сликовит приказ на општествената слика во земјата. Тоа до некаде би можело да биде точно и во нашиот случај, освен ако не се соочиме со фактите кои велат дека се работи за земјата со една од најниските просечни плати во Европа (рамо до рамо со братските економии на Косово, Албанија и Молдавија), земјата чиј главен град е европски и светски рекордер за загаден воздух, земјата во која буквално никој не верува во нејзиниот правен систем, земјата со катастрофално ниво на здравствени услуги и унаказен образовен систем, земјата во која секој петти човек (статистички) е невработен, а државната администрација е превработена со децении…

Причините поради кои младиот човек сака засекогаш да ја напушти Македонија се безбројни. Недостастуваат оние другите, поради кои вреди да се живее, работи и создава во нашата земја. Дури и оние традиционални и патриотски мотиви да се остане во родниот крај, поради чувството на поврзаност и припадност се повеќе им се туѓи на младите креативци и интелектуалци поради одбивноста кон политичкиот систем и токсичниот општествен живот, во кој на цена се антивредности.

Неодминливо е да се напомене „придонесот“ на нашите политички водачи кои во целиот период на нашата независност со своите лидерски (не)способности придонесоа да живееме во општество во кое партиската книшка и заробениот ум станаа критериум пар екселанс, но погрешно би било и да заборавиме дека истите тие луѓе беа бирани и сѐ уште се (!) од огромно мнозинство кое вклучува и интелектуалци, професори, доктори, бизнисмени и еснафи. „Народните водачи“ произлегуваат од народот кој ги бира и ги легитимира, колку и тоа да не ни се допаѓа и да одбиваме да го признаеме.

Вкоренетата пoданичка политичка култура веќе трета деценија ни создава луѓе чија единствена вредност е членството во одредена партиска или бизнис елита, која ја користат како катапулт кон највисоките позиции на општествена моќ. Личната наобразба, професионалните вештини и стекнатото искуство го губат приматот пред оваа политичко-бизнис позадина на индивидуата, небаре се работи за реска поделба на владеачки и владеени касти, налик на некогашното феудално општество.

Кои работи мора да се променат од корен, за да го задржиме нашиот најкреативен потенцијал во Македонија и да им овозможиме на сите луѓе кои се способни, талентирани и вредни да вложуваат тука, односно од тука да го освојуваат светот?

Најпрво, мора да се врати довербата во институциите и политичкиот систем кои се создадени за да служат на народот и неговите потреби, а не на личните хирови, интереси и центри на моќ. Тука не зборувам за некаква слепа доверба или покорност кон политичкиот естаблишмент, туку за чувство дека постои систем на check & balance (што би рекле Американците) кој ќе знае да ги казни аномалиите во сопствените политички редови, пред да се сити на луѓето кои живеат од социјална помош или од една тезга на пазар.

Второ, но не помалку важно е да се смогнат сили за да се направи темелна реформа во образованиот и здравствениот систем како два клучни темели за една просперитетна држава. Без радикален пристап во овие два клучни сегменти, не може да се очекува враќање на довербата во институциите, а уште помалку желба за останување во државата. Ни треба образование кое ќе создава вештини за иднината и здравство кое ќе понуди професионален и еднаков пристап за сите граѓани.

Трето, враќање на индивидуата на пиедесталот во општеството. Колективните групирања по партиска, верска, етничка, бизнис, рурална/урбана основа треба да заминат во минатото каде што и припаѓаат. Земја која има силни и самоуверени индивидуи подготвени да работат на свој личен развој, а потоа и за заедничкото добро – државата, може да очекува развој и напредок на сите полиња, бидејќи само луѓе кои имаат чувство за самопочит, припадност и признавање на нивната вредност може да бидат мотивирани да создаваат нови вредности и дела.

Четврто, ментално ослободување од синдромот на инфериорност, карактеристичен за многу мали нации и народи. Тоа е она чувство кое преовладува кај многумина наши сонародници кои се разочарани од состојбите кои преовладуваат во општеството, а главната причина за тоа ја наоѓаат во фактот што самите се припадници на „помалку вредна група на луѓе или народ“, па оттука сметаат дека е невозможно нештата да се помрднат од статус квото во кое се заглавени и честопати својата состојба ја сметаат како „судбински предодредена“.

Петто, прифаќање на културата на компромис и соработка. Ако нешто и недостигало на оваа земја со децении, па и со векови наназад тоа е обединување околу заеднички стратешки прашања и цели. Меѓутоа, не како нечиј наметнат компромис и принудна соработка, туку како доброволно здружување, прочистено од личните ега и суети, а со заедничка цел, ако ни е подобро на сите, тогаш мора да биде подобро и за секој од нас поединечно.

Секако дека има уште повеќе работи кои може да се најдат како предуслов за нормално и просперитетно функционирање на македонското општество. Некој ќе рече дека добар дел од овие работи се идеалистични и нереални, дека се повторуваат со години, но никако да се остварат. Секој од нас сноси лична одговорност за тоа, а колективно носиме и како нација. Но токму поради тоа, предизвикот е уште поголем, а со тоа и посилна треба да биде мотивацијата да успееме во средина како нашата. Ако го промениме, односно приспособиме начинот на размислување, проблемите и пречките ќе ни бидат поттик да ги оствариме нашите цели, а со тоа и плодовите на успехот ќе ни бидат подрагоцени. Колку порано, толку поарно!

 

Discover more from Pavel Doneski

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading